Апелациониот суд во Скопје донел ослободителна пресуда за Бојан Јовановски, познат како Боки 13, во предметот „Меѓународен сојуз“, со што е преиначена првостепената пресуда со која тој беше осуден на пет години затвор.
Информацијата на социјалните мрежи ја објави неговиот адвокат Сашо Дуковски, кој го застапуваше Јовановски во судската постапка.
Дуковски соопшти дека Апелациониот суд денеска одлучил да ја преиначи пресудата на Основниот кривичен суд во Скопје и да донесе ослободителна пресуда за неговиот клиент.
„Ете, правдата е спора, но достижна! Апелациониот суд во Скопје денес донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски во предметот ‘Меѓународен сојуз’. Со тоа ја преиначи првостепената пресуда на Основниот кривичен суд од пет години!“, напиша Дуковски.
Тој во објавата изрази задоволство од судската одлука, оценувајќи дека таа е резултат на недостатоците во обвинението.
„По лошо обвинение следи ослободителна пресуда! Тоа е! Ајт!“, порача адвокатот.
Со ваквата одлука, според информациите што ги објави Дуковски, Апелациониот суд ја променил претходната одлука на првостепениот суд, со која Јовановски беше прогласен за виновен и осуден на затворска казна.
Случајот „Меѓународен сојуз“ беше еден од судските предмети што во изминатите години привлекоа големо внимание во јавноста, а во кој Јовановски беше меѓу обвинетите.
Засега информацијата за ослободителната пресуда е соопштена преку објавата на адвокатот, а се очекуваат и официјални детали за одлуката и образложението на Апелациониот суд.

