Нови шокантни детали: момчето ја грабнало девојката од пред теретана?

Момчето кое вчера беше пронајдено мртво, неофицијално ја чекало својата 17-годишна девојка пред теретана во Гевгелија, по што наводно насилно ја внело во автомобилот и се упатило кон Богданци, каде што подоцна беа пронајдени нивните тела.

Според неофицијални информации на „Скопје1“, станува збор за 21-годишниот Виктор Г.

Првичните индиции на Обвинителството за трагедијата упатуваат на убиство и самоубиство, но околностите сè уште се истражуваат. Од Основното јавно обвинителство Гевгелија потврдија дека јавен обвинител извршил увид на местото на настанот и побарал обдукција на телата.

Информациите дека момчето ја чекало девојката пред теретаната и насилно ја однело кон Богданци засега не се официјално потврдени. Обвинителството не соопшти што е забележано на обезбедените видеоснимки.

Трагедијата се случила во период кога Виктор Г. имал судски изречени мерки за заштита од семејно насилство. На 16 октомври, Основното јавно обвинителство Гевгелија примило пријава за загрозување на сигурноста на девојката. Според неофицијални информации, обвинителството почнало да постапува, биле закажани распити на пријавителката и пријавениот, а биле издадени и наредби за вештачења.

Паралелно со оваа постапка, девојката водела и граѓанска постапка за заштита од семејно насилство, во која биле изречени заштитните мерки.

Претходно, МВР потврди дека Виктор Г. бил лишен од слобода по пријава дека на 30 септември физички ја нападнал својата 17-годишна девојка во неговиот дом. За случајот бил известен јавен обвинител.

Според претходните објави на „Скопје1“, девојката им раскажувала на блиски пријатели за закани и за наводен напад со нож, од кој, според нејзините тврдења, успеала да избега преку прозорец.