Први најави за врнежи од снег во градовите – ЕВЕ КОГА да очекуваме

Првите утрински мразови веќе викендов, а значително заладување и можни снежни врнежи кон крајот на ноември. Долгорочните временски прогнози најавуваат променлив месец, со периоди на сончево и релативно топло време, но и со постепено навлегување во зимски услови.

Првото заладување се очекува веќе во сабота и недела, кога утринските температури во делови од Македонија ќе се спуштат под нулата. Во Скопје се прогнозираат минимални температури до минус еден степен, додека преку ден ќе биде сончево, со максимални температури од 12 до 14 степени. Во котлините ќе има услови за појава на утринска магла, а на одделни места и слаб мраз.

Следната недела се очекува повторно затоплување, со дневни температури во главниот град меѓу 13 и 17 степени. Во периодот од 9 до 15 ноември ќе се менуваат сончеви и облачни денови, со повремени врнежи од дожд. Ново намалување на утринските температури се најавува околу 18 ноември, кога повторно се можни вредности под нулата.

Најизразеното заладување, според сегашните долгорочни прогнози, се очекува во последната недела од месецот. По 24 ноември утринските температури во Скопје би можеле да се спуштат до минус три степени, а околу 26 ноември дневната температура да достигне само четири степени. Во овој период се зголемуваат и шансите за зимски врнежи, пред сè на планините и повисоките места, но не е исклучена можноста за лапавица или снег и во дел од градовите.

Кон крајот на месецот се очекуваат повеќе облаци и нови врнежи, а со почетокот на декември долгорочните пресметки покажуваат дополнително намалување на температурите, со утрински вредности и до минус пет степени.

Сепак, метеоролозите предупредуваат дека долгорочните прогнози се променливи и не можат со сигурност да го утврдат точниот датум на првиот снег. Засега извесни се постудените утра во наредните денови, додека интензитетот на заладувањето и можните снежни врнежи кон крајот на ноември ќе бидат појасни со приближувањето на тој период.