МОН објави голем конкурс: 3.000 места, а сумите достигнуваат до 18.000 денари!

Министерството за образование и наука објави конкурс за доделување 3.000 студентски стипендии за академската 2026/2027 година, со нов модел на распределба и посебни категории за социјална поддршка, висок академски успех и студии во стратешки области. Највисокиот месечен износ изнесува 18.000 денари, а студентите ќе можат да аплицираат електронски од 6 до 20 ноември.

Од вкупно 3.000 стипендии, 1.200 се наменети за социјална поддршка. Во оваа категорија за првпат се воведуваат посебни стипендии за студенти со попреченост и студенти со ретки болести, со по 50 стипендии за секоја категорија. Дополнително, се воведуваат 1.050 стратешки стипендии за студенти кои се образуваат во области од особено значење за развојот на државата.

Тие се наменети за студенти на студиски програми по:

  • Математика
  • Физика
  • Хемија
  • Земјоделство
  • Шумарство
  • Наставна биологија
  • Рударство

МОН предвидува и 750 стипендии за студенти со висок академски успех, односно за оние кои имаат просечна оценка од најмалку 8,50 и редовно ги исполнуваат академските обврски. Според новиот конкурс, месечните износи се:

  • 18.000 денари за стратешките стипендии;
  • 6.050 денари за социјалните стипендии;
  • 6.050 денари за стипендиите за висок академски успех.

Од Министерството посочуваат дека вкупниот број стипендии останува 3.000, но се менува нивната распределба со цел поддршката да биде подобро насочена кон потребите на студентите и стратешките интереси на државата.

Пријавувањето е исклучиво електронско, преку порталот за е-услуги на МОН. Рок за пријавување: 6-20 ноември 2026 година. Пријавите се поднесуваат на e-uslugi.mon.gov.mk.

Од МОН информираат и дека е во тек конкурсот за 15 стипендии за студенти запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик, како и конкурсот за поврат на средства за купен музички инструмент за академската 2026/2027 година.