Американската актерка, модел и продуцентка Кимари Џонсон, која нашата публиката најмногу ја памети по улогата во култната серија „Беверли Хилс 90210“, почина на 50-годишна возраст во Лос Анџелес.
Тажната вест за медиумите ја потврди нејзината внука Ронда Скот, откривајќи дека Џонсон на 27 октомври ненадејно доживеала тежок срцев удар во својот дом.
Таа веднаш била хоспитализирана во болницата „Сидарс-Синај“, каде што лекарите ѝ дијагностицирале аневризма на срцето, но по неколкудневна борба, актерката починала од срцев застој.
Кимари Џонсон го имаше своето телевизиско деби во 1998 година во серијата „Беверли Хилс 90210“, каде го толкуваше ликот на Џејн.
Покрај оваа успешна холивудска улога, Џонсон глумеше и во популарниот филм „Dude, Where’s My Car?“ со Ештон Кучер, како и во сериите „V.I.P.“ со Памела Андерсон и „Wanda at Large“.
Покрај актерството, Џонсон градеше успешна кариера во светот на модата и козметиката.
Беше основач на сопствената линија за нега на кожа „SkinGlow by Kimmarie“ и работеше како моден уредник и продуцент.
Нејзиното последно појавување на црвениот тепих беше во април годинава на премиерата на филмот „Мајкл“ во Лос Анџелес.
Зад себе го остави својот син Камерон Нино, кој работи како музичар.


