Македонец загина во страотна сообраќајка во Италија

Трагичен крај имала сообраќајна несреќа во Италија во која животот го загубил 78-годишниот Исмаил Асаноски, македонски државјанин кој живеел во Конељано.

Фаталниот инцидент се случил на 29 октомври, околу 15:40 часот, на улицата Страдонели во Сусегана, во провинцијата Тревизо, недалеку од центар за собирање отпад.

Асаноски бил зад воланот на автомобил „шкода кодијак“, движејќи се во правец кон Санта Лучија ди Пјаве, кога од засега непознати причини дошло до директен судир со камион натоварен со чакал.

Според првичните информации, се претпоставува дека на македонскиот државјанин можеби ненадејно му се слошило, по што возилото излегло од својата коловозна лента и преминало на спротивната страна, каде што се судрило со тешкото товарно возило.

Сепак, оваа претпоставка сè уште не е официјално потврдена, а околностите под кои се случила трагедијата остануваат предмет на утврдување.