Хрватскиот фудбалски клуб Раднички од барaњското населено место Меце се прости од својот фудбалер Аријан Ковачевиќ, кој почина на 24-годишна возраст. Тажната вест пристигнала само еден ден откако младиот фудбалер настапил за својот тим на првенствениот натпревар против Белје.
Од клубот се збогуваа со Ковачевиќ преку емотивна порака. Веста за неговата смрт особено ја потресе фудбалската јавност, бидејќи само еден ден претходно тој бил на теренот, заедно со своите соиграчи.
Според официјалниот записник на Хрватскиот фудбалски сојуз, Раднички во саботата, на 7 ноември, во рамките на 12. коло од Втората жупаниска фудбалска лига Бели Манастир, го пречекал тимот на Белје и славел убедлива победа од 4:0.
Стрелци за Раднички биле Анте Поле во 20., Давид Влашич во 44., Емануел Шисл во 47. и Филип Левачиќ во 65. минута.
Ковачевиќ натпреварот го започнал од клупата за резервни фудбалери, а во игра влегол на почетокот на второто полувреме, во 46. минута, на местото на Марин Свериќ. Го одиграл целото второ полувреме и учествувал во убедливата победа на својот тим.
Само еден ден подоцна, клубот се соочил со најтешкиот момент – збогување со својот фудбалер.
Аријан Ковачевиќ е роден на 8 јули 2003 година во Осиек. Според евиденцијата на Хрватскиот фудбалски сојуз, во текот на својата кариера настапувал за Раднички од Меце и за Чепин, со кој се натпреварувал во Третата фудбалска лига – Исток.
Во сезоната 2023/24 бил стандарден првотимец на Раднички, за кој настапувал и во Меѓужупаниската фудбалска лига Осиек – Винковци. И во тековната сезона бил дел од сениорскиот состав на клубот, кој се натпреварува во Втората жупаниска лига Бели Манастир.
Околностите за неговата смрт засега не се официјално потврдени.

