Ива Михаилова со шокантно тврдење: Баба ѝ била „киднапирана“ на граничниот премин Делчево

Ива Михаилова, која избега во Бугарија кога требаше да ѝ се суди за смртта на човек кого го прегазила со автомобил, а во Софија се жали дека била дискриминирана поради тоа што имала изваден бугарски пасош, сега тврди дека нејзината баба, Илинка Кушовска, била „киднапирана“ на граничниот премин „Делчево“, кога се обидувала да влезе во Македонија, пишуваат бугарските медиуми.

Михајлова тврди дека баба ѝ повеќе од седум часа била недостапна, дека „македонските служби“ незаконски ја задржале, а сето тоа го нарече „државен тероризам“.

Наспроти ова, од МВР за „Скопје1“ потврдиле дека полицијата ја задржала жената на информативен разговор, кој траел два часа, по што таа непречено влегла во Македонија.

„Постапувајќи по насоки на надлежен јавен обвинител, на граничниот премин Делчево, на 10.11.2026. во временскиот период од 11:20 до 13:20 часот, со наведеното лице е извршен службен разговор. По завршувањето на разговорот, лицето непречено остварило влез на територијата на РСМ“, велат од МВР за „Скопје1“.