МВР планира да постави камери за мерење брзина во полициските возила, кои ќе можат да ги детектираат сообраќајните прекршоци и во движење. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека, покрај фиксните камери, полицијата ќе користи и мобилни уреди, кои ќе се поставуваат на различни локации, особено на критичните сообраќајни точки.
Причината за ваквата одлука е што возачите веќе ги учат локациите на постојните камери, ја намалуваат брзината пред нив, а потоа повторно забрзуваат.
„Возачите полека, полека учат каде се лоцирани камерите, како детектираат прекршоци и така натаму и тоа е добро. Но лошо е кога ќе ја поминеме онаа критична точка која што знаеме дека е предмет на детектирање од страна на радар-камера, повторно забрзуваме и повторно возиме несоодветно и се изложуваме на ризик и ние и оние коишто се со нас во возилото, а најчесто тоа се нашите најблиски“, изјави Тошковски.
Според министерот, анализите покажале дека само со фиксни камери не може да се постигне посакуваниот превентивен ефект, бидејќи возачите знаат каде се контролира брзината.
„Предлогот којшто го добивме од експертите е во рамки на постојните возила коишто ги имаме да инсталираме камери коишто ќе може да ја детектираат брзината, а тие може да се постават каде било. Може во движење да констатираат особено управување со недозволена брзина од страна на учесниците во сообраќајот и во иднина ќе се фокусираме особено на овој дел“, рече Тошковски.
МВР планира и набавка на дополнителни мобилни камери, кои ќе се поставуваат на таканаречените црни точки, односно делниците на кои најчесто се случуваат тешки сообраќајни несреќи со загинати и повредени.
Целта, според министерот, е возачите да бидат свесни дека прекршувањето на сообраќајните правила може да биде регистрирано на која било локација, а не само таму каде што се поставени фиксните камери.

