Тепачка меѓу неколку мажи завршила со смртен исход ноќеска во Сараево, Босна и Херцеговина, каде што 32-годишен маж бил застрелан пред угостителски објект, објави „Дневни аваз“.
Расправијата наводно започнала поради девојка, по што дошло до физичка пресметка.
Жртвата, Мехмед Смечанин, познат како Меша, работел како обезбедување во објектот и се обидел да ги раздели учесниците во тепачката. Во тој момент бил застрелан во градите. Тој бил пренесен во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево, каде што лекарите во 4 часот констатирале смрт.
Пукањето било пријавено во полицијата околу 2:30 часот, а се случило на улицата „Змаја од Босне“. Според медиумските информации, во него пукал Емил Тахировиќ, кој живеел во Германија, по што избегал од местото на настанот.
Полицијата привела 18-годишен германски државјанин, кој е на криминалистичка обработка. Информацијата ја потврдила и портпаролката на Обвинителството на Сараевскиот кантон, Азра Бавчиќ. Увидот го води надлежен обвинител.
Смечанин бил оженет и зад себе оставил дете. Пријателите се простуваат од него преку објави на социјалните мрежи.

