Кој нема отсуства и не доцни на работа, добива дополнителни 5.000 денари

Рудникот „Булмак 2016“ воведува нова финансиска стимулација за своите вработени.

Почнувајќи од ноемвриската плата, сите работници кои во текот на месецот немаат ниту едно отсуство и навремено пристигнуваат на своите работни смени ќе добиваат дополнителен месечен бонус од 5.000 денари.

Од компанијата информираат дека бонусот за редовност има за цел да ја награди дисциплината, одговорноста и посветеноста на вработените, но и да придонесе за подобра организација на работниот процес.

Како што посочуваат од „Булмак 2016“, рударството е сложен процес во кој безбедноста и ефикасноста зависат од ангажманот на секој поединец. Особено во работата под земја, навременото присуство и координацијата меѓу различните служби се од големо значење за непречено и безбедно одвивање на производството.

Од компанијата нагласуваат дека присуството на секој член од колективот е важно за стабилноста на целиот тим, а преку новиот бонус сакаат дополнително да го вреднуваат трудот и одговорноста на своите вработени.

Со оваа мерка, „Булмак 2016“ испраќа порака дека грижата за работниците и признавањето на нивниот придонес се дел од политиката на компанијата.