Србија утрово, 14 ноември, се соочува со нагло заладување и снежни врнежи во планинските предели, откако студен воздушен бран ја замени топлата есенска атмосфера.
Републичкиот хидрометеоролошки завод најави значително пониски температури, дожд во пониските предели и слаб снег на планините.
Според прогнозата што ја објави Nova.rs, утринските температури се движат од еден степен на северот до десет степени на југот, додека највисоките дневни температури во поголемиот дел од земјата ќе бидат меѓу четири и девет степени.
Во Неготинската Краина се очекуваат околу 11 степени.
Снегот веќе влијае врз сообраќајот
Јавното претпријатие „Путеви Србије“ објави дека поради снежни врнежи е намалена дозволената брзина на автопатот А2, во зоната на тунелите Лаз и Муњино Брдо.
Ограничувањето ќе важи додека траат условите што го отежнуваат сообраќајот, а редовниот режим ќе биде воспоставен по престанувањето на снежните врнежи и нормализирањето на состојбата.
Од претпријатието ги повикаа возачите да користат зимски гуми, да ги почитуваат ограничувањата и да ја приспособат брзината на условите на патот.
Ова е особено важно за оние што патуваат кон планинските региони, каде што ниските температури и влагата можат дополнително да ги отежнат условите за возење.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во Македонија врнежите ќе бидат од дожд.

