Авион „МиГ-29“ на Војската на Србија од составот на 204-та воздухопловна бригада се урна утрово околу 08:45 часот во околината на Стара Пазова, а во несреќата загина пилотот на авионот, мајор Горан Булајиќ, соопшти Министерството за одбрана.
На местото на настанот излегле органи на воената полиција, а известен е и надлежниот обвинител. Мајор Горан Булајиќ е роден на 25 март 1973 година во Белград, а во Војската на Србија бил од 1996 година. Зад себе остави две деца.
Министерството за одбрана наведува дека е формирана комисија за испитување на вонредниот настан, која има задача да ги утврди околностите за настанување на несреќата и евентуалната одговорност на воената организација, како и стручна комисија на Военото воздухопловство која треба да ги утврди причините за падот на леталото.


