ТАЖНА ВЕСТ: Почина легендарниот фудбалер на Арсенал

Поранешниот англиски фудбалер и легенда на Арсенал, Питер Стори, почина на 81-годишна возраст по кратко боледување, опкружен со членовите на своето семејство.

Веста за неговата смрт ја потврди Арсенал, клубот во кој Стори помина најголем дел од кариерата и освои историска двојна круна во 1971 година.

Во дресот на лондонскиот клуб одигра 501 натпревар, а беше дел од генерацијата што ги освои англиското првенство и ФА Купот во сезоната 1970/71.

Со Арсенал го освои и Купот на саемските градови во 1970 година, додека за англиската репрезентација настапи 19 пати.

Но, неговиот живот по завршувањето на фудбалската кариера бил исполнет со криминални афери, апсења и затворски казни.

По повлекувањето од фудбалот во 1978 година, Стори отворил паб во Лондон, кој со текот на времето станал собиралиште на лица поврзани со криминалното подземје.

Подоцна бил осуден на три години затвор поради финансирање операција за фалсификување пари.

Додека чекал судење, се обидел да заработи пари за бегство во Шпанија преку отворање бордел под името „Calypso Massage Parlour“.

Поради тој случај добил парична казна и условна затворска казна.

Неговите проблеми со законот продолжиле и во наредните години. Во 1982 година добил условна казна поради кражба на изнајмени автомобили, а во 1990 година поминал 28 дена во затвор поради обид за шверц на порнографски видеокасети.

Стори отворено зборувал за своето бурно минато во автобиографијата „True Storey: My Life and Crimes as a Football Hatchet Man“.

Последните години од животот ги поминал во јужна Франција, далеку од вниманието на јавноста.

Арсенал најави дека ќе му оддаде почит на 24 ноември, на натпреварот од Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд.

И покрај контроверзниот приватен живот, Питер Стори останува важен дел од историјата на Арсенал и генерацијата што му донесе големи успеси на клубот.