Нов ужас во Македонија – Мајка пријавила брутален напад врз нејзината ќерка

Вознемирувачки случај на врсничко насилство е пријавен во Кавадарци, откако мајка пријавила дека нејзината малолетна ќерка била физички нападната од две малолетнички, при што една од нив ја држела, а другата ја горела со цигара.

Според информациите од Секторот за внатрешни работи Велес, случајот бил пријавен на 18 ноември во 22:30 часот во Одделението за внатрешни работи Кавадарци.

Во пријавата е наведено дека нападот се случил два дена претходно, на 16 ноември, на улицата „Сремски фронт“ во Кавадарци.

Според пријавеното, двете малолетнички физички ја нападнале девојката, при што едната ја држела, додека другата ја горела со цигара. Засега не се соопштуваат дополнителни информации за степенот на повредите што ги здобила малолетничката, ниту за мотивите за нападот.

За случајот веднаш биле известени надлежен јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Кавадарци, кои ќе постапуваат согласно своите надлежности.

Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности под кои се случил инцидентот. По неговото документирање ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските процедури.

Случајот повторно го отвори прашањето за врсничкото насилство и потребата од навремена реакција на институциите, училиштата и родителите со цел ваквите инциденти да бидат спречени и соодветно санкционирани.