Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември 2026 година изнесувала 49.141 денар, што е за 8,1 процент повеќе во споредба со септември минатата година, објави Државниот завод за статистика.
Растот на просечната нето-плата, пред сè, се должи на зголемувањето на примањата во секторите снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и санација на околината, каде што е забележан раст од 11,6 проценти.
Зголемување има и во административните и помошните услужни дејности за 10,6 проценти, како и во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли за 10 проценти.
Во споредба со претходниот месец, раст на просечната исплатена нето-плата е регистриран во рударството и вадењето камен за 6 проценти, преработувачката индустрија за 3 проценти и јавната управа и одбраната, како и задолжителното социјално осигурување за 2,5 проценти.

