Цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари најверојатно ќе се зголеми за 2 до 3 проценти, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов.
Иако Владата најавува дека нема да има поскапување на струјата по Нова година, Ристов, во интервју за „Тема на денот“ на Сител посочи дека се очекува мало зголемување, но дека се работи на модел со кој евентуалниот дополнителен трошок би се распределил во тарифните модели, за да бидат поправични.
Ристов рече дека компаниите од енергетскиот сектор веќе ги доставиле финансиските и технички барања до РКЕ, а во тек е нивна анализа. Одлуките за цените на регулираните енергетски дејности треба да бидат донесени до крајот на годината и да почнат да важат од 1 јануари.
Ристов објасни дека барањата на компаниите се насочени кон зголемување на цените, што, според него, се должи на движењата во енергетскиот сектор, поскапувањето на енергенсите и зголемените трошоци. Сепак, нагласи дека доставените барања не значат дека тие ќе бидат прифатени, бидејќи задачата на Регулаторот е да направи компромис.
„Сите нормално бараат зголемување заради она што ни се случува во енергетскиот сектор во светот и кај нас. Меѓутоа, од тоа што се желбите, на крај ќе видиме што ќе биде она што Регулаторот ќе го направи како одлука, бидејќи ние сепак сме тука на бедемот да направиме компромис меѓу барањата и она што значи интерес на граѓаните“, рече Ристов.
Една од главните компоненти што влијаат врз крајната цена на струјата е преносот преку електропреносниот систем на МЕПСО. Компанијата побарала зголемување на својот дел од тарифата за дури 97 проценти, но Ристов рече дека ова барање нема да биде прифатено.
Според него, ваквото зголемување е неоправдано, а РКЕ не гледа причина за поскапување на услугата за пренос на електрична енергија.
„Она што вие го зборувате дека ќе се намалува протокот на енергија 2027, може е точно, меѓутоа тоа се темели само на оние транзитни услуги коишто ги прави МЕПСО за пренос на електрична енергија преку нашата територија низ енергетскиот преносен систем, меѓутоа не за вкупниот конзум на енергија којшто се троши во Републиката. Поради тоа ние не гледаме апсолутно никакви причини заради што би се зголемувала цената на преносната енергија за МЕПСО, така да од сега можам да ви кажам – кај МЕПСО нема да има никакво покачување“, рече Ристов.
На новинарско прашање колкаво зголемување побарале другите компании, со оглед дека Владата смета оти цената на струјата на домаќинствата нема да поскапи и по Нова година, Ристов рече дека доколку го има покачувањето, тоа ќе биде многу симболично.
„Крајната цена кај универзалниот потрошувач, односно тоа што граѓаните најмногу ги интересира, тоа е универзалниот снабдувач, е составена од три компоненти. Тоа е преносот за МЕПСО, дистрибуција и снабдување со енергија од универзалниот снабдувач. Засега со МЕПСО сме веќе расчистени дека нема да има покачување“, додаде тој.
Ристов рече дека сега се работи на дистрибуцијата и на тоа да се одржи во сегашните рамки. Тој објасни дека загубите во дистрибутивната мрежа се движат од 11 до 12 проценти. За нивното покривање, оваа година Владата обезбедува 70 проценти од потребната електрична енергија преку ЕСМ, по договорена цена, додека преостанатите 30 проценти дистрибутерот треба да ги набави на слободниот пазар.
Ристов посочи дека пробната аукција за набавка на електрична енергија за покривање на загубите, одржана минатата недела, понудила цена од 380 евра за мегават-час, поради што била поништена.
Како решение, Владата предложила модел според кој ЕВН би можела да ја откупува електричната енергија произведена од обновливи извори во земјава, која е дел од државното производство, за покривање на загубите во дистрибутивната мрежа. Целта е набавната цена да се задржи на прифатливо ниво и да се избегне дополнителен притисок врз сметките на домаќинствата.

