Неверојатен гол од невозможен агол во англиската трета лига: Погледнете ја мајсторијата

Поранешниот репрезентативец на Северна Ирска, Оливер Норвуд (35), постигна спектакуларен гол за Стокпорт Каунти во гостинската победа од 3:0 против Кембриџ Јунајтед, во рамките на 16. коло од англиската Лига 1, третото по ранг натпреварување во Англија.

Искусниот играч од средниот ред ја воодушеви фудбалската јавност со мајсторски погодок од слободен удар, изведен од речиси невозможен агол.

Норвуд во 49. минута ја намести топката во близина на корнер-знаменцето, речиси на самата гол-аут линија. Додека сите очекуваа центаршут во шеснаесетникот, тој реши директно да шутира кон голот.

Со надворешниот дел од десното стапало упати силен удар, ја изненади домашната одбрана и голманот, а топката од пречката заврши во мрежата.

Вистинска фудбалска мајсторија од позиција од која ретко кој би се осмелил да шутира!