Повеќе од 26.000 граѓани низ Македонија ќе добијат поврат на над 140 милиони денари, кои незаконски им биле наплатени од финансиските друштва за брзи кредити. Ова го соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева, посочувајќи дека надзорот ги опфатил сите 27 лиценцирани финансиски друштва.
Според Митева, Државниот пазарен инспекторат за првпат спровел надзор од ваков обем, а само четири месеци по преземената обврска, институциите донеле решенија со кои друштвата се задолжуваат да ги вратат незаконски наплатените средства.
Таа посочи дека станува збор за прашање што директно засега голем број семејства, особено поради дополнителните трошоци што им се наплатувале при опомените и отплатата на кредитите.
Подетални информации за утврдените неправилности и преземените мерки најавија директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

