„Добродушна жена! Почивај во мир професорке“ – учениците се збогуваат од својата омилената професорка

Поранешни ученици, колеги и пријатели од скопското ООУ „Гоце Делчев“ се простуваат со емотивни пораки од наставничката која остави длабока трага врз генерации што учеле во ова училиште.

Тажна вест го зави во црно скопското основно училиште ООУ „Гоце Делчев“ во Центар, откако почина нивната омилена наставничката по математика Ирена Цветковска Ѓорѓеска.

Веста за нејзиното прерано заминување предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде што под објавата на училиштето се нижат десетици тажни пораки, свеќи и зборови на сочувство упатени до нејзиното семејство и синот Симон.

Во коментарите под објавата се јавија голем број луѓе кои ја познаваа од училишните клупи, но и од студентските денови или приватно, опишувајќи ја како топла, искрена и посветена личност што многумина ја паметат со неверување и длабока тага.

„Добродушна жена! Почивај во мир професорке“, пишува во еден од коментарите под објавата од училиштето.

„Ирена драга, зарем и ти златна си замина пред време. Не ми се верува, лепотице. Ќе те паметам по дружењето и студиите на ПМФ. Почивај во мир и летај со ангелите“, „Искрено сочувство до синот Симон и семејството. Последен пат кога се слушнавме, убав муабет си направивме. Ми вети дека ќе ми дојдеш на кафе. Многу ми е жал. Почивај во мир драга Ирена“, споделуваат блиски познанички на професорката.

Оние што ја познаваа истакнуваат дека зад себе остава силни спомени од дружењата, студиите на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) и работата со учениците во ООУ „Гоце Делчев“, каде што многумина ќе ја паметат како омилена наставничка и класна раководителка.