Со продорот на многу поладен воздух од север, во сабота навечер (28 ноември) како и во текот на ноќта кон недела и во недела (29 ноември) ќе имаме значително заладување на времето во Македонија, па така врнежите од дожд во најголем дел од Македонија ќе преминат во врнежи од снег, а само во Повардарието како и во југоисточните предели врнежите ќе бидат од дожд или од дожд и од снег. Врнежите повремено ќе бидат пообилни.
До недела напладне (29 ноември) во поголем дел од Македонија ќе се формира снежна покривка и тоа со висина од 1 до 5 цм, а во западните и во северните предели во дел од градовите ќе се формира и снежна покривка со висина од 10 до 20 цм, на планинските места и на скијачките центри снежната покривка ќе биде со висина од 20 до 30 цм.
Во Скопје и околината во погоре споменатиот период ќе има врнежи од дожд и од снег, додека на околните планини и во повисоките предели од котлината врнежите ќе бидат само од снег. Особено на околните планини и во повисоките предели од котлината ќе се формира снежна покривка, поголема на околните планини. Во повисоките предели од Скопската котлина ќе се формира снежна покривка со висина од 1 до 10 цм а на околните планини како што погоре кажав таа ќе биде поголема.
Ќе дува умерен до повремено засилен ветер од северен правец кој повремено и локално ќе достигнува или ќе надминува брзина од 40 км/час.
На ден недела (29 ноември) во Македонија ќе биде значително ладно со минимални температури кои ќе се спуштаат во интервалот од -3 до 4 степени, а максималната температура ќе се искачува во интервалот од 0 до 6 степени. Во Скопје и околината во недела (29 ноември) наутро температурата ќе се спушти до околу 1 степен, а преку денот таа ќе се искачи до околу 3 степени.
Апелирам возачите овој викенд поради очекуваниот снежен бран во Македонија да бидат многу внимателни, особено доколку патуваат низ планинските превои.

