Полицијата го расчисти убиството на 38-годишниот Ш.Е. од селото Љубин, чие тело беше пронајдено на 21 ноември во близина на Смилковци.
За убиството е приведен 38-годишниот Б.Ј. од Скопје, против кого е поднесена кривична пријава по брза постапка.
Според информациите од МВР, телото на Ш.Е. беше пронајдено на обиколницата „Мајка Тереза“, во близина на селото Смилковци. При увидот беше утврдено дека имал прострелна рана во пределот на ногата. Во близина беше пронајден и неговиот автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски таблички.
Осомничениот Б.Ј. беше лишен од слобода на 26 ноември, по преземени оперативно-тактички мерки од полицијата. По службениот разговор, тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело, соопшти МВР.
Денеска, по целосно документирање на случајот и во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против него е поднесена кривична пријава за убиство по член 123 од Кривичниот законик.

