Зимата пристигнува порано од очекуваното: Еве кога ќе падне првиот снег во Македонија

Додека почетокот на ноември ни носи стабилно и значително потопло време со дневни температури и до 17 степени, долгорочните прогнози најавуваат целосен временски пресврт кон средината на месецот и навлегување во вистинска зимска атмосфера, објави AccuWeather.

Според моменталната месечна прогноза, првиот снег во Скопје би можел да падне околу 15 ноември. За тој ден се прогнозира максимална температура од околу 8 степени и минимална околу нулата, а во синоптичките карти е означена јасна можност за зимски врнежи.

Заладувањето ќе продолжи и во следните денови. На 16 и 17 ноември утринските минимални температури ќе се спуштат до околу -2 степени, додека дневните максимални ќе се задржат околу 6 степени.

Инаку, првите денови од ноември ќе бидат многу потопли од просекот. На 1 ноември се очекуваат пријатни 17 степени, а во воведната деценија од месецот дневните температури ќе се движат во интервалот меѓу 14 и 17 степени.

Вистинската зима, сепак, своето вистинско лице ќе го покаже во декември. Уште во првата половина на месецот утринските температури често ќе се спуштат под нулата, додека кон крајот на декември долгорочната прогноза предвидува студени утра со минимални температури и до -6 и -7 степени. Исто така, во втората половина на декември се најавуваат нови денови со зимски врнежи, кога дневните температури во најстудениот период ќе се задржат само неколку степени над нулата.