Најмалку 30 луѓе загинаа во судир на два брзи воза во Шпанија што се случи утрово на железницата која го поврзува Мадрид со Андалузија.
Властите стравуваат дека бројот на жртви би можел да биде уште поголем. Поради сериозната несреќа сообраќајот на брзата железница е прекинат, пренесe Ројтерс.
Според информациите, во едниот воз имало 146, а во другиот 397 патници.
Шпанскиот весник „Ел Паис“ ги пренесува изјавите на очевидци кои наведуваат дека има голем број повредени лица, додека екипи за итни случаи се испратени на местото на несреќата. Според весникот, два вагона излетале од шините и се стркалале по насипот.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека е „шокиран од тешката железничка несреќа во Толедо“.
„Во постојан контакт сум со министерот за транспорт и со претседателот на Кастиља-Ла Манча“, напиша Санчез на платформата X, додавајќи дека службите за итни случаи работат на терен „за да им помогнат на настраданите и да ја осигураат нивната безбедност, во координација со сите надлежни институции“.

