Денес, 31 октомври, православните верници од македонската православна црква го одбележуваат празникот посветен на Светиот апостол и евангелист Лука кој многу семејства го слават како своја куќна слава.
Свети Лука бил родум од Антиохија, лекар по професија, а во младите години ја изучувал грчката филозофија и иконописот. Тој е еден од седумдесетмина апостоли, автор на Евангелието по Лука и на Делата апостолски, а во христијанската традиција се смета и за првиот иконописец кој ја насликал Пресвета Богородица.
Поради неговиот земски повик, тој е заштитник на лекарите, фармацевтите, болниците и уметниците.
Покрај црковните богослужби, овој ден го следат голем број народни обичаи и верувања кои се пренесуваат со генерации:
Според народното верување, на Свети Лука не треба да се биде нервозен, налутен или да се влегува во расправии. Празникот треба да се помине во мир, слога и трпение со домашните, бидејќи светителот се памети како благ и мирен човек кој помагал на луѓето.
Во селските и сточарските краишта постои стар обичај според кој овните кои биле издвоени на овој ден, на денот на Свети Лука кој се празнува на 31. Октомври, се враќаат меѓу овците.
Тие следниот ден се пуштаат меѓу овците за домаќините да предвидат каква зима ги чека и дали годината ќе биде родна.
Според ова верување, ако овците на денот на Свети Лука ги прифатат овните без поголемо противење се верува дека пролетта ќе дојде порано и дека не очекува родна година, додека нивното опирање и избегнување на овните се толкува како наговестување на долга и студена зима.
Исто така се верува дека на овој ден секој треба да им ги прости долговите и навредите на оние кои му наштетиле, бидејќи кој ќе влезе во зимата скаран и како злопамтило, го следи малер и немир цела година. Во куќата треба да владее слога, а домаќините кои ја слават крсната слава трпезата ѝ ја посветуваат на мирот, здравјето на своите домашни, како и на сеќавањето на предците..

