Бихаќка удри по Бранко Црвенковски: СДСМ го нарече „мумија“, обвинува за бизнис со ВМРО!

СДСМ влезе во отворена пресметка со поранешниот партиски лидер и претседател на државата, Бранко Црвенковски. Во соопштение објавено на 29 октомври, актуелното раководство на партијата упати остри критики кон Црвенковски, користејќи квалификации како „мумии“ и „балсамирани ликови“.

Во реакцијата, објавена од партиското седиште на Бихаќка, Црвенковски е обвинет дека со години имал деловна соработка со ВМРО-ДПМНЕ и дека учествувал во создавањето на политичкото движење ЗНАМ.

„Човек што со години работи бизнис со ВМРО, човек што помагаше во правењето на ЗНАМ прва верзија. Мицкоски финансираше“, се наведува во партиското соопштение.

Остри зборови за поранешниот лидер

Во продолжение на реакцијата, СДСМ се осврнува и на наводното враќање на стари политички структури во актуелните случувања во партијата.

„Доста веќе со коските од ормарот, со тие мумии и балсамирани ликови што направија сè за да ја згаснат СДСМ“, стои во соопштението.

Станува збор за Бранко Црвенковски, кој беше првиот претседател на СДСМ по формирањето на партијата во 1991 година. Подоцна ја извршуваше функцијата премиер, а беше и претседател на државата.

Платформата обвинета дека подготвува нова партија

Соопштението е насловено „Последни претања на Платформата – ЗНАМ 2.0 – од Левица до Црвенковски“. Во него актуелното раководство ги поврзува иницијативите за промени во СДСМ со политичките интереси на Христијан Мицкоски.

Посебно внимание е посветено на Платформата, за која се тврди дека подготвува формирање нова политичка партија по примерот на ЗНАМ.

Покрај Црвенковски, во партиската реакција се споменуваат и Петре Шилегов, Максим Димитриевски, ЗНАМ, Левица, како и аналитичари и медиуми. СДСМ ги става овие актери во контекст на поширока операција насочена против актуелното партиско раководство.

Обвинувања без конкретен одговор на изјава

Интересно е што во соопштението не е посочена конкретна изјава на Бранко Црвенковски на која партијата директно реагира. Наместо одговор на негов конкретен став, реакцијата содржи обвинувања за неговите наводни деловни и политички релации, како и остри лични квалификации.

Со ова, внатрепартиските несогласувања во СДСМ добиваат нова димензија, а во јавната пресметка директно е вклучен и поранешниот лидер на партијата.