Полицијата во Нови Сад ја уапсила 33-годишната мајка на едногодишно девојче, осомничена дека ја усмртила својата ќерка нанесувајќи ѝ повеќе удари по телото.
Уапсен е и таткото на детето, 54-годишен маж, кој се сомничи за непружање помош, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, објави „Нова“.
Според информациите од обвинителството, трагедијата се случила на 2 ноември. Мајката, со иницијали А. Ш. (33), е осомничена дека ѝ нанела повеќе удари на својата малолетна ќерка, родена во 2025 година, од кои детето починало.
Жената е осомничена за кривично дело тешко убиство. За истото дело, според српското законодавство, е предвидена казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.
Во врска со случајот е уапсен и таткото на девојчето, Т. Ш. (54), поради сомнение за кривично дело непружање помош. За ова дело е предвидена казна затвор од три месеци до пет години.
Од обвинителството соопштија дека дежурен јавен обвинител излегол на местото на настанот и извршил увид. На полицијата ѝ било наредено да ги обезбеди сите материјални докази и траги, кои ќе бидат предмет на понатамошни вештачења и анализи.
На двајцата осомничени им е одреден притвор до 48 часа. Во тој рок треба да бидат приведени и сослушани во обвинителството, по што ќе продолжат истражните дејствија за утврдување на сите околности поврзани со смртта на детето.
Обвинителството најави дека јавноста ќе биде информирана за понатамошниот тек на постапката.

