Денеска е важен празник – Помолете се со овие зборови и овој светец ќе ви ја исполни секоја желба

Македонската православна црква и верниците денес го прославуваат светиот Нестор Солунски, храбриот христијански маченик и верен ученик на свети Димитриј Солунски.

Според христијанското предание, тој останал запаметен како новозаветен Давид кој со силата на верата застанал на црта пред непобедливиот царски гладијатор и го прекинал крвавиот пир.

Кога суровиот цар Максимилијан дошол во Солун и го фрлил во темница царевиот намесник Димитриј, градот го претворил во полигон за морничави игри. Царевиот миленик бил вандалскиот мегданџија Лиј, џин со застрашувачки изглед и рика слична на лав.

За Лиј била подигната посебна бина на високи столбови која се наоѓала сред Солун, околу која биле забодени копја со остриците свртени нагоре. Лиј се забавувал борејќи се со донесените луѓе, главно христијани, кои по победата во борењето ги фрлал од висина директно на остриците, додека царот и војниците уживале во нивното страдање.

Гледајќи го страдањето на недолжните, младиот Нестор отишол во темницата кај свети Димитриј и побарал благослов да излезе на мегдан со џинот и да ги спаси христијаните од ваквото страдање. Свети Димитриј му направил знак на крст на челото и градите и ги изрекол пророчките зборови: „Лиј ќе го победиш, но за Христа ќе пострадаш“.

Нестор потоа отишол во арената и побарал борба со Лиј. И покрај чудењето на царот Максимилијан, кој се обидел да го одврати ситното и голобрадо момче, Нестор стапил на бината. Се прекрстил и извикал: „Боже Димитриев, помогни ми!“.

Носен од божјата сила, го зграпчил џинот и го фрлил право на остриците од копјата, каде Лиј веднаш ја издал душата.

Споменот на светиот мученик Нестор е посветен на вистинската храброст, чесност и заштита на слабите.

Според народните верувања се верува дека на свети Нестор му се молат сите оние кои се соочуваат со наизглед непобедлив непријател, моќен противник или тешка неправда. Доволно е во мислите да се изговори кратка молба за сила на духот.

Посебно внимание се посветува на стекнувањето храброст кај младите преку приказни за чесност и одважност, а се верува дека секој што ќе го заштити послабиот ќе биде следен со благослов.

Според верувањето, на овој ден не треба да се покажува страв, кукавичлук ниту очај пред препреките, туку проблемите се решаваат мирно и достоинствено.

Во одредени делови на овој ден не се отвораат амбарите и не се дира кошот со жито за глувците да не ги уништуваат посевите.

Преданието вели дека на сите оние кои искрено му се молат на свети Нестор ќе им се исполни секоја желба.

Молитва до светиот маченик Нестор

Еј, Господи, Ти Кој нe створи, создаде, човекот кој падна повторно при себе го повика, и устрои за него вера која спасува. Ти, Создателе, времето на Нестора го исполни, кога во него се покажа силата Твоја, осенет со крсен знак од великиот Димитрија, ја прослави Твојата десница, нам пак кои денес го празнуваме неговиот свет спомен, дарувај ни по неговите молитви милост голема.