Следува температурен шок – се најавува и снег во градовите

Променливо време со големи температурни разлики нè очекува до крајот на ноември. Според долгорочната временска прогноза за Скопје, по неколку релативно топли денови, во последната недела од месецот се очекува значително заладување, со утрински температури под нулата.

Во следните денови времето ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд. Петок, 13 ноември, ќе биде најтоплиот ден во овој период, со максимални 23 степени, но веќе во сабота ќе следува нагло заладување и пад на дневната температура на само 11 степени, проследено со врнежи од дожд.

Од 15 до 20 ноември се очекува претежно стабилно време со сончеви периоди и умерена облачност. Дневните температури ќе се движат меѓу 13 и 17 степени, додека утринските ќе бидат од 6 до 8 степени. Нови врнежи од дожд се најавуваат за 21 ноември, по што ќе следуваат два претежно сончеви дена, со температури до 13 степени.

Позначителна промена на времето се очекува од 24 ноември, кога дневните температури нагло ќе се спуштат на само 5 до 7 степени, а утринските ќе паднат и до минус 3 степени. Студеното време ќе се задржи до крајот на месецот, со максимални температури меѓу 4 и 8 степени.

За 27 ноември долгорочната прогноза покажува можност за мешани врнежи од дожд и снег, додека последните два дена од месецот се очекуваат облачно време и дневни температури од само 4 степени, со утрински минимални од минус 2 до минус 3 степени.

Сепак, станува збор за долгорочна прогноза, која може значително да се промени, особено во однос на врнежите и интензитетот на најавеното заладување во последната недела од ноември.