Можно е големо поскапување на цената на струјата

Струјата би можела да поскапи, но Владата очекува зголемувањето да биде ограничено и да не надмине 5 проценти.

Премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите посочи дека се подготвува енергетски модел со кој треба да се зголеми домашното производство и да се ублажи притисокот од растот на цените на европските пазари.

Мицкоски рече дека целта е да се избегне поголем ценовен удар врз граѓаните, иако Европа се соочува со сериозен енергетски притисок поради ниските резерви на гас, послабата хидроенергетска продукција и зголемената побарувачка за електрична енергија, меѓу другото и поради развојот на центрите за податоци и вештачката интелигенција.

Според неговите процени, цената на електричната енергија во Европа во наредните месеци би можела да достигне од 350 до 400 евра за мегават-час. Тој посочи и дека цената на гасот, која претходно се движела од 28 до 30 евра за мегават-час, сега достигнува околу 86 евра, а во одредени периоди надминува и 100 евра.

– Во овој момент цените на електричната енергија и на гасот во Европа се зголемуваат и до трипати – рече Мицкоски, оценувајќи дека енергетската состојба претставува директен ризик за инфлацијата.