Вечерва се огласи Митовски: Има ли поголем национален срам и пораз за една држава од ова што денес го видовме

Фејсбук реакцијата на градоначалникот на Крива Паланка во целост:

Има ли поголем национален срам и пораз за една држава од ова што денес го видовме во светските медиуми?!

За маката на кривопаланчани во изминативе два дена известија медиуми од најмалку 15 земји. „

,,Еуроњуз“ го објави прилогот за Крива Паланка на најмалку седум јазици. Снимките од нашите улици ги пренесе и „Африканјуз“, а денес видеоприлог објави и „Ал Џезира Балканс“.

Во САД веста ја објавија „Асошиејтед прес“, „Вашингтон пост“, ABC News, „Бостон глоуб“, Yahoo News, SeattlePI, Marietta Daily Journal и Tribune Ledger News.

Веста ја пренесе и британскиот Channel 4.

Во Канада ја пренесе Winnipeg Free Press, во Шпанија агенцијата EFE, а во Швајцарија Swissinfo.

Веста стигна и до Перу преку RPP Noticias, до Парагвај преку ABC Color, до Малезија преку Newswav и дури до Нов Зеланд преку 1News.

Во Босна и Херцеговина известија „Ал Џезира Балканс“, N1 БиХ, „Независне новине“, Klix.ba и 072info.

Во Србија веста ја пренесе „Блиц“, во Бугарија NOVA, Dnes.bg и Dunavmost, а во Грција „Катимерини“.

Во Хрватска ја објавија Dnevnik.hr, Index.hr и „Вечерњи лист“, во Словенија „Вечер“, „Дневник“ и Regional Obala, а во Словачка Denník N.

А тука, дома? Додека веста го обиколува светот, и градот и луѓето и понатаму ги бројат штетите. На вчерашната седница на Советот на Општина Крива Паланка пред советниците имаше јасен предлог-како Совет да побараме од Владата да прогласи кризна состојба и да и помогне на луѓето конечно на системски начин да го решиме проблемот. Замислете Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за тој предлог.

Невиден преседан! Токму затоа ги прашувам советниците од ВМРО-ДПМНЕ: Како ќе им објасните на луѓето што трпат штети зошто не го поддржавте барањето за помош? Кого штитите и чии интереси браните?

Што уште треба да се случи и кој аларм да се упали за конечно да се разбудат надлежните институции?!

Затоа уште еднаш бараме Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба, а Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш да постапи по донесените решенија и да почне со организирано згрижување на добитокот и трајно решение на овој проблем !