Во тешка сообраќајна несреќа животот го загуби д-р Малтина Ферати, раководителка на Лабораторијата во Клиничката болница во Тетово.
Несреќата се случила во Албанија, во близина на тунелот Муриз, кај местото Џибер.
Според првичните информации од албанската полиција, околу 10:15 часот, од засега неутврдени причини, се судриле две патнички возила.
Во судирот животот го загубија две лица.
Едната жртва е 42-годишниот Б.О., кој управувал со едното возило. Втората жртва е 42-годишната д-р Малтина Ферати од Тетово.
Од Клиничката болница во Тетово се простија од својата колешка со емотивна порака.
„Со длабока болка и огромна тага ја примивме веста за трагичното заминување на нашата драга колешка“, напишаа од болницата.
Како што наведуваат, во својата функција како раководителка на Лабораторијата, таа постојано покажувала стручност, сериозност и целосна посветеност на работата.
Колегите ја паметат и по позитивната енергија, насмевката, добрината и подготвеноста секогаш да им помогне на другите.
„Нејзиното прерано заминување остава голема празнина меѓу нас“, се вели во пораката.

