ТАЖНА ВЕСТ вечерва: Почина познатиот македонски доктор

Пробиштип тагува по загубата на еден од своите познати и почитувани сограѓани. На 71-годишна возраст почина д-р Мијалче Андоновски, долгогодишен лекар по општа медицина, хуманист и човек кој својот професионален живот го посвети на здравјето и благосостојбата на граѓаните.

Веста за неговата смрт беше објавена на локалната страница „Probistip on air“, каде што бројни сограѓани се простуваат од лекарот, кој зад себе остави децениска работа и голем број пациенти на кои им помогнал.

Д-р Андоновски, роден во 1955 година, бил препознатлив по својата посветеност на професијата, непосредноста и подготвеноста да помогне секогаш кога тоа било потребно. Неговите сограѓани го паметат како лекар со големо срце, ведар дух и исклучителна човечност.

Покрај долгогодишната лекарска практика, Андоновски бил активно вклучен и во спортскиот живот на Пробиштип. Соработувал со бројни спортски клубови и спортисти, обезбедувајќи медицинска поддршка и грижа за нивното здравје.

Неговата смрт предизвика бројни емотивни реакции на социјалните мрежи, каде што пријателите и сограѓаните споделуваат спомени и пораки за последен поздрав.

„Во душа си ми бил, во срце ќе ми останеш“, напиша Златко Андоновски во емотивна објава.

Семејството на починатиот лекар упати и посебен хуманитарен апел. Наместо цвеќе, букети и погребни венци, ги повика сите што сакаат да му оддадат последна почит средствата да ги донираат за хуманитарни цели.

За таа намена, во капелата и на погребот ќе бидат присутни претставници на Црвениот крст, кои ќе собираат доброволни прилози. Собраните средства ќе бидат наменети за лицата на кои помошта им е најпотребна.

Погребот на д-р Мијалче Андоновски ќе се одржи утре, 18 ноември, во 14 часот, на градските гробишта во Пробиштип. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 12 до 14 часот.