ШОКАНТЕН ИНЦИДЕНТ НА ГАК: На новороденче старо два дена му отсекле дел од прстот со ножици

Сериозен инцидент се случил на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје, каде што новороденче старо само два дена се здобило со повреда на прстот при обид за отстранување на инфузијата. Според сведоштвото на таткото, при интервенцијата со ножици на бебето му бил отсечен дел од прстот, по што итно било пренесено на Клиниката за детска хирургија, каде што било оперирано.

За случајот информирал таткото на новороденчето, Аднан Азизи, чие сведоштво го објави „Газета шнета“. Тој раскажал дека инцидентот се случил во моментот кога семејството се подготвувало да ја напушти болницата со своето девојче.

„Ми се јави сопругата да дојдам да ги земам од болница. Ги средивме сите документи и додека чекавме да ни го донесат девојчето, се обиделе да му ја отстранат инфузијата, која била прицврстена со леплива лента и завој. При обидот да ја отстранат инфузијата со ножици, му го пресекле прстот“, изјавил Азизи.

Од Клиниката за гинекологија и акушерство го потврдија настанот, наведувајќи дека се случил на 16 ноември. Оттаму информираат дека веднаш по констатирањето на повредата бил повикан детски хирург, а новороденчето било итно префрлено на Клиниката за детска хирургија за понатамошно лекување.

Од ГАК посочуваат дека случајот бил евидентиран и пријавен како несакан настан, а во текот на вчерашниот ден бил разгледан и од страна на Комисијата за квалитет.

Од Клиниката нагласуваат дека инцидентот се третира со највисок степен на сериозност и дека нема да има толеранција доколку се утврдат пропусти во постапувањето на медицинскиот персонал.