Силниот ветер вечерва направи хаос во делови од Македонија

Силниот ветер кој вечерва ја зафати Македонија веќе предизвика материјални штети и проблеми во одвивањето на сообраќајот на повеќе патни правци.

На патниот правец Гостивар – Стража – Кичево, кај клучката Гостивар, поради силните налети на ветерот паднати се семафор и канделабра, додека на повеќе делници од истиот правец има паднати дрвја на коловозот.

Екипи на јавното претпријатие „Македонија пат“ се на терен и работат на отстранување на пречките и нормализирање на сообраќајот.

Проблеми има и на патниот правец Скопје – Тетово, каде што пред Карпалак е регистрирано паднато дрво, а дополнително паднати дрвја има и на регионалниот пат Тетово – Скопје.

Надлежните апелираат до возачите да бидат особено внимателни, да ја прилагодат брзината според временските услови, да избегнуваат ризично возење и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.

Поради силните удари на ветерот, се препорачува зголемено внимание и при движење покрај дрвја, објекти и друга инфраструктура која може да биде оштетена.