Македонската православна црква – Охридска архиепископија и верниците утре (21 ноември по нов, односно 8 ноември по стар стил) го слават Соборот на Свети Архангел Михаил – еден од најголемите есенски празници и домашни слави кај нас.
Утре многу македонски домови ќе бидат исполнети со мирисот на славски леб, свеќа и традиционални специјалитети, бидејќи се одбележува Собор на Свети Архангел Михаил, во народот познат како Аранѓеловден. Сепак, секоја година пред овој голем празник кај домаќините се повторуваат истите дилеми – дали трпезата треба да биде посна или мрсна и дали за овој празник се подготвува пченица?
Одговорот на најважната дилема за оваа година е јасен: со оглед на тоа што Аранѓеловден утре паѓа во сабота (21 ноември), а Божиќните пости започнуваат дури на 28 ноември, трпезата се подготвува мрсна.
Но, постои една друга работа која многумина ја грешат поради старо народно верување.
Низ народот со години се пренесува верувањето дека за Аранѓеловден не се подготвува варена пченица (коливо) затоа што Свети Архангел Михаил е „жив светец“. Ова толкување толку многу се вкоренило во некои семејства, што многу домаќини мислат дека изоставувањето на пченицата е црковно правило.
Меѓутоа, црквата вели дека тоа е погрешно. Пченицата задолжително се подготвува и за Аранѓеловден, исто како и за секоја друга домашна слава. Коливото има длабока христијанска симболика – варената пченица потсетува на воскресението, вечниот живот и се принесува во спомен на нашите упокоени предци, а не за самиот светител.
Затоа, свеќата, славскиот леб, виното и пченицата се четирите задолжителни елементи што мора да бидат на масата.

