Обдукцијата на телото на 38-годишниот Ш.Е. од скопското село Љубин, кој беше пронајден мртов покрај патот кај Смилковци, ги открила причините за неговата смрт. Според информациите што ги објави Телма, мажот бил застрелан со еден куршум во ногата, кој погодил голема артерија и предизвикал обилно крварење.
Како што пренесува телевизијата, токму повредата на артеријата и последователната загуба на крв биле причина за смртта на 38-годишниот маж.
Телото било забележано од случаен минувач, кој околу 6:15 часот го пријавил случајот во полицијата. По пријавата, надлежните институции започнале истрага за утврдување на околностите под кои се случило убиството и за откривање на сторителот.
Во рамки на истрагата, полицијата ги проверува и снимките од камерите на системот „Сејф сити“, поставени на повеќе клучки долж скопската обиколница. Целта е да се утврди дали во критичниот период низ тие локации поминувале возила што би можеле да бидат поврзани со случајот.
Се анализираат и снимки од други безбедносни камери, кои би можеле да дадат дополнителни информации за движењето на лицата и возилата во периодот кога се случило убиството.
Од надлежните институции се очекуваат повеќе детали за случајот и за досегашниот тек на истрагата.

