Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,28 проценти. Од ноќеска на полноќ, бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98 ќе поевтинат за два денари за литар, а дизелот за 3,5 денари.
Со новата одлука на РКЕ, максималната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 82 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по максимална цена од 84 денари.
Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе биде 88,50 денари за литар, што е намалување за 3,50 денари.
Поевтинување има и кај екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се намалува за 2,50 денари и ќе изнесува 98 денари за литар. Мазутот поевтинува за 0,204 денари за килограм, со нова цена од 48,110 денари.
Од РКЕ информираат дека намалувањето е резултат на пониските референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка, бензините поевтиниле за 5,874 проценти, дизелот за 6,505, екстра лесното масло за 5,671, а мазутот за 2,236 проценти.
При пресметката се применети и владините мерки за намалување на ДДВ-то за дизелот на 10 проценти, како и намалување на акцизите за бензините и дизелот.
Од Комисијата појаснуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците можат да ги формираат малопродажните цени и под утврденото ниво.

