Зголемувањето на платите на наставниците е предвидено во буџетот. Тие во март ќе добијат покачување на платите од најмалку 7,5 проценти, одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на новинарско прашање пред почетокот на конференцијата „Образованието на возрасните и доживотното учење – инвестиција во луѓето и иднината“, во организација на ЈУ Центар за образование на возрасни, што се одржува во Скопје.
Јаневска истакна дека го остваруваат тоа што го ветиле.
Министерката беше прашана и зошто Владата сега одлучува да ги намали блок-дотациите за основните и средните училишта, за првпат од 2008 година, како и дали со ова се ризикува блокирање на сметките на одредени училишта. Јаневска рече дека во образованието конечно мора да се отстранат одредени аномалии што постоеле.
Таа додаде дека новата формула за праведно распределување на средствата води кон оптимизација на училишната мрежа. Посочи дека 433 паралелки биле затворени, односно споени со други паралелки.
– Притоа водевме сметка и во основното и во средното образование. Наставниците кои, де факто, нема да имаат доволен број часови со спојувањето на паралелките, во основното образование да преминат во дневен престој, а во повисоките одделенија на основното образование, од шесто до деветто, и во средното образование да развиваат дополнителни активности во училиштата, за што постојано зборуваме: воннаставни активности, општествено корисна работа, внимание на талентираните ученици, внимание на децата кои заостануваат во учењето. На тој начин ќе можеме овој процес да го заокружиме за околу четири, максимум пет години – рече Јаневска.
Таа повтори дека во овој период не може да има нови вработувања на наставници.
– Затоа што образовниот систем во минатото служел како социјален систем. Го чувал социјалниот мир и згрижувал невработени наставници. Притоа, никој не водел грижа за бројот на оние кои завршуваат одредени струки и кои се вработуваат. Конечно почнавме да го правиме тоа. Сметаме дека нема да има штета врз образовниот процес. Дополнително, општините, покрај тоа што треба да водат сметка за бројот на учениците и бројот на наставниците, треба домаќински да управуваат со своите средства. Тие имаат различни можности да им помогнат на училиштата, односно да ги развиваат училиштата во сопствената општина, за конечно да влеземе во процес на конкуренција меѓу училиштата од различни општини, а образовниот систем да не продолжи да служи како социјална мерка во државата – рече министерката Јаневска.

