Новиот бран поскапувања веќе се чувствува на полиците во маркетите, а граѓаните во пресрет на новогодишните празници ќе треба да издвојуваат повеќе пари за основните прехранбени производи.
Цените на јајцата се зголемени од 11,6 до 13 проценти, брашното е поскапо за околу седум проценти, урдата за десет, павлаката до осум, а киселото млеко за шест проценти.
Повисоки цени има и кај свинското и мисиркиното месо, додека специјалните видови леб веќе се поскапени за пет проценти.
Се најавуваат дополнителни поскапувања
Производителите на јајца предупредуваат дека поради намаленото производство во зимските месеци и зголемената празнична побарувачка, цените би можеле дополнително да растат до крајот на јануари.
Пекарската индустрија, пак, предупредува на зголемени трошоци за енергенси и суровини. Засега останува неизвесно дали и за колку ќе поскапи обичниот леб.
Инспекторите ќе проверуваат и лажни попусти
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, посочува дека инспекциските тимови постојано ги контролираат набавните цени и трговските маржи, кои, според него, се речиси на исто ниво како минатата година.
Во пресрет на празниците ќе бидат засилени и контролите на акциските продажби, со цел да се спречи доведувањето на потрошувачите во заблуда преку лажни попусти.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши не ја исклучува можноста за интервенција доколку се утврди неоправдано зголемување на маржите.

