Голем пожар во зграда во Охрид – повеќе лица пренесени во болница

Фото: Илустрација

Педесет и петгодишен охриѓанец е лишен од слобода под сомнение дека предизвикал пожар во сопствениот стан на улицата „Гоце Делчев“ во Охрид, при што осум лица завршиле во болница, а повеќе жители на зградата биле евакуирани.

Како што информираат од СВР Охрид, полициски службеници денеска, 26 ноември 2026 година, го лишиле од слобода Ц.Н. (55) од Охрид, кој се сомничи дека го предизвикал пожарот.

Благодарение на брзата интервенција на полициските службеници, припадниците на Територијалната противпожарна единица Охрид и медицинските екипи, била извршена евакуација на повеќе станари од зградата.

Со возила на Итната медицинска помош, осум лица со повреди и потешкотии при дишењето биле пренесени во Општата болница во Охрид.

Од СВР Охрид информираат дека во координација со останатите надлежни служби се преземаат дополнителни мерки за обезбедување поддршка на станарите и смирување на состојбата.

Засега нема дополнителни информации за тежината на повредите на хоспитализираните лица, ниту за околностите под кои бил предизвикан пожарот.

По целосно документирање на настанот, против 55-годишниот охриѓанец ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „предизвикување општа опасност“.