Тошковски најави големи промени во полицијата

Боди камерите во иднина ќе бидат задолжителен дел од опремата на полициските службеници, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Полицајците ќе бидат обврзани да ги носат при преземање службени и оперативни активности, а целта е да се зголеми професионалноста во нивното постапување и да се обезбедат поквалитетни докази во судските постапки.

„Полициските службеници при секое едно нивно дејствување, при секое едно нивно оперативно преземање на активности ќе бидат задолжени да носат боди камери“, изјави Тошковски.

Според министерот, воведувањето на камерите треба да придонесе за поголема одговорност на полицајците, но и за поефикасно постапување на обвинителството и судовите.

„Со тоа, од една страна цениме дека ќе се поткрене професионалниот одговор од страна на полициските службеници, но од друга страна цениме дека и те како ќе биде корисно во рамки на доказните постапки“, рече Тошковски.

Тој посочи дека снимките од камерите ќе овозможат побрзо собирање и доставување докази до надлежните институции, како и подобрување на квалитетот на доказниот материјал врз основа на кој обвинителството постапува, а судовите носат одлуки.