Лудото дерби на Арсенал и Сити заврши со две контроверзни ситуации (ВИДЕО)

АРСЕНАЛ и МАНЧЕСТЕР СИТИ одиграа 2:2 на лондонскиот стадион „Емирати“ во 12. коло од Премиер лигата. Стануваше збор за дуел на првиот и вториот тим на табелата во англиското првенство, кои и по овој натпревар остануваат разделени со шест бода.

Головите за Арсенал ги постигнаа Каи Хаверц (40′) и Јуриен Тимбер (83′), додека за Сити стрелаа Ерлинг Халанд (34′) и Енцо Фернандез (48′).

Прво полувреме

Манчестерскиот клуб поведе во 34. минута со голот на Ерлинг Халанд, по одличната асистенција на Јошко Гвардиол, кој претходно го мина Јуриен Тимбер, протнувајќи му ја топката низ нозе.

Тимот на Микел Артета успеа да израмни шест минути подоцна, кога Каи Хаверц постигна гол со глава.

Второ полувреме

Манчестер Сити повторно дојде до предност во 48. минута преку Енцо Фернандез. Ајуб Буади му ја додаде топката, а аргентинскиот играч од средниот ред со врвот на копачката ја насочи во мрежата за 1:2.

Конечните 2:2 ги постави Тимбер во 83. минута. Еберечи Езе изведе корнер на втората статива, каде што Тимбер се снајде одлично и ја смести топката во голот.

Ситуацијата предизвика контроверзии, бидејќи беше спорно дали имало прекршок врз голманот Џанлуиџи Донарума и дали Тимбер постигнал гол со рака.

ВАР ја проверуваше можноста за играње со рака, но голот беше признат.

Втората спорна ситуација се случи во судиското продолжение на второто полувреме. Гвардиол шутираше со глава, а Виктор Ѓокереш ја запре топката со рака на патот кон голот. ВАР повторно ја прегледуваше ситуацијата, но според нивното мислење, раката при скокот била во природна положба.

Така, Гвардиол и Сити останаа без победа.

По последниот судиски свиреж, гостинските фудбалери беа бесни и бараа објаснување од главниот судија Џон Брукс, по што се вмешаа и членовите на стручниот штаб за да ја смирaт ситуацијата.

Да споменеме дека Матео Ковачиќ влезе во игра во второто полувреме за Манчестер Сити.