Што прават и каде се политичарите додека во Македонија беснеат пожари?!

Додека земјата е зафатена од шумски пожари а огнените стихии во некои делови од земајта дојдоа и до прагот од домовите на граѓаните, во јавноста се наметнува дилемата што прават нашите политичари и функционерите во ваквите состојби. Дали политичката елита ја користи својата влијателност да се вклучи во помошта на нивните сограѓани и колку нашите државници навистина се активни со личен придонес во операциите за гаснење на огновите низ Македонија.

Првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов за „Слободен печат“ вели дека откако започна сезоната на пожари тој не добил било каква помош или телефонски повик од некој пратеник или функционер кој не им се во надлежност справувањето со пожарите, освен активната заложба на премиерот Ковачевски и министрите за внатрешни и одбрана околу гаснењето на огнените стихии низ земјава.

– Никој не понудил ништо досега, ниту пак сме барале помош бидејќи институцијата со која раководам ЦУК,  досега успешно и професионално ја врши работата. Сепак за волја на вистината сопственикот на една од најголемите веледрогерии во земјава Благоја Механџиски беше дојден на лице место на пожарот во Берово. Иако не повикан тој изелзе во пресрет и лично праша како може да помогне. Со мое образложение дека состојбата е под контрола, тој сепак човечки постапи и ги однесе на вечера пожарникарите кои го гаснеа пожарот тој ден – вели Ангелов.

Првиот човек на ЦУК Ангелов во исто време посочува дека секоја помош е добредојдена независно дали е поединец, фирма или институција иако потенцира уште еднаш дека засега надлежните органи добро ја владеат состојбата со огнените стихии низ земјава.

– Политичарот или пратеникот не треба да земе лопата и гасне пожар, туку можат да го искористат своето влијание и со ширење на вести и информации да помогнат во гаснењето на пожарите. За жал до овој момент не сум добил никаква помош ниту понуда за помош од функционер кој не му е во надлежност оваа проблематика, која пак е сериозна и на моменти ја загрозува безбедноста на граѓаните – додава Ангелов.

Од друга страна Костадин Костадинов поранешен пратеник од редовите на СДСМ и актуелен градоначалник на Струмица тврди дека тој и општината активно се вклучени во помошта на државата при гаснењето на пожарите.

– Како градоначалник сум во постојана комуникација со институциите. При пожарот во Тетово лично се активирав и понудив помош до градоначаникот на Тетово но и на директорите на службите за гаснење на пожари. Понудата од моја страна беше дали да пуштиме противпожарна екипа. Сепак, по обавените разговори бев информиран дека состојбата е под контрола и нема да има потреба од наша помош – посочува Костадинов за „Слободен печат“.

Тој додава дека Струмица како општина во ракми на југоисточниот регион обезбедила нова опрема за пожарникарите, иако тој посочува дека во градот се уште нема соодветна локација за нова противпожарна станица.

Во исто време пак пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ вели дека обврските во Собранието околу францускиот предлог и фокусот на јавноста околу таа проблематика за жал ги става во втор план пожарите низ земјава. Лефков истакнува дека недостасува активност на пратениците и општо на функционерите со справувањето на пожарите во земјава.

Извор: Слободен Печат

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде