Колку семејното насилство е застапено во нашата земја?
Семејното насилство во сите негови форми претставува глобален проблем и е застапено како во развиените така и во неразвиените општества. Изминативе години во Македонија направени се неколку значителни правни измени во однос на оваа проблематика, меѓу кои би ги издвоила потпишувањето на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истамбулска конвеција) во 2017-тата година и носењето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство во рамките на Акцискиот план на Истамбулската конвенција во 2021-вата година.
Сепак, и покрај унапредувањето на системот за справување со родово базираното насилство врз жените и семејното насилство, податоците говорат за релативно висока стапка на семејно насилство во нашата земја. Имено, според последните достапни официјални податоци од МВР, во периодот од јануари до март 2022-ра година, извршени се вкупно 247 кривични дела на семејно насилство.
Регистрирани се 233 сторители мажи и 19 сторители жени, односно од вкупно 258 жртви, 46 биле мажи додека 212 биле жени. Најчесто жрвтвата била сопруга на сторителот (109 случаи), со што се потврдува дека во Македонија жените се најчесто жртви на семејно насилство и тоа од страна на партнерите. При тоа, не треба да заборавиме дека бројот на случаи на семејно насилство е многу поголем од официјалните статистики, со оглед на фактот дека многу жртви не го пријавуваат насилството.
Зошто жртвите не сакаат да го пријават насилството?
Земајќи ги предвид официјалните статистички податоци, само околу 15% од жртвите пријавуваат семејно насилство. Причините за непријавување на семејното насилство се многубројни и најчесто се: надеж дека насилството ќе заврши, страв дека сторителот ќе стане уште понасилен по пријавувањето, страв за сопствената безбедност и онаа на најблиските, страв дека луѓето нема да им веруваат за претрпеното насилство, недоверба во институциите, претходно негативно искуство по пријавувањето, недоволна информираност за достапните услуги и поддршка на жртвите на семејно насилство, срам од семејството, пријателите или заедницата, психолошка состојба на негација дека насилството се случило итн. Секако причините се во тесна корелација и со видот на насилство.
Во таа насока, жртвите на психолошко насилство најчесто не го пријавуваат истото поради економска несигурност, жртвите на сексуално насилство не го пријавуваат сторителот многу често поради страв од зголемено насилство или пак страв од повторна виктимизација по пријавувањето, жртвите-мажи не пријавуваат насилство најмногу поради срам итн. Конечно, искуството од исходот на пријавените случаи на семејно насилство исто така обесхрабрува многу жртви да го пријават истото.
Судските постапки траат со месеци, неретко се одложуваат рочиштата, при што жртвите остануваат изложени на потенцијално дополнително насислтво, некои жртви ги повлекуваат пријавите во текот на постапките, а најголем дел од казните што ги добиваат сторителите во Македонија се условни.
Колку институциите се сензитивни на проблемите?
Кога говориме за семејно насилство би потенцирала дека тоа не е приватен проблем, туку социо-економски и нужни се системски и долгорочни решенија. Потребна е секако поголема сензитивност на институциите, но уште повеќе недостасува општествена свесност, особено за родово базираното насилство врз жените. Низ Македонија постојат неколку советувалишта и центри за работа со жени жртви на родово базирано и семејно насилство во рамките на меѓуопштинските центри за социјална работа. Покрај овие јавни институции и невладиниот сектор е активен во оваа област.
Поконкретно, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство нуди бројни услуги и поддршка на жртвите како на пример куќата за отворено домување што претставува еден вид форма на поддржано живеење за жени жртви на семејно насилство, како и правна помош и поддршка, психолошко советување на жртвите итн.
Сепак, сметам дека бројот на центрите во државата не е доволен и нeдостасува континуирано издвојување на буџетски средства во програмите за заштита и обезбедување на жртвите. Покрај поддршката и помошта која треба да се пружа на жртвите, треба многу да се инвестира во превенција на насилството, едукација на младите преку програми во училиштата од најрана возраст и секако да се зголемат казните на сторителите.
Државата продуцира стручни лица за работа со семејства. Зошто на семејствата не им нуди поддршка од ваков профил?
Покрај постоечкиот стручен кадар, на Филозофскиот факултет во Скопје од 2014-тата година се профилираат и семејни едукатори, односно семејнолози кои се обучуваат за работа во организации со деца и адолесценти, вклучувајќи и центри за социјална работа, предбрачни и брачни советувалишта, центри за развојот на семејството и семејните односи, како и институции кои во својата работа на било кој начин го препознаваат и го вклучуваат семејството и креираат политики, стратегии, оперативни планови итн.
Семејнолозите, исто така, може да бидат вклучени и во областа на семејното насилство, особено во делот на негова превенција и едукација, како и на помош и поддршка на семејствата и жртвите. За жал, овој профил сè уште не може да се вработи во владини институции, иако до сега има над стотина дипломирани студенти.
Дали сметате дека последниве случувања со фемицидот на жената во Неготино ќе се разбудат институциите?
Искрено не верувам дека нештата ќе се сменат преку ноќ. Фемицидот претставува најтешка форма на насилство врз жените. Во периодот од 2017-та до 2020-та година во Македонија, од 26 убиства врз жени, 22 биле квалификувани како фемицид. Жената од Неготино ќе влезе во оваа статистика, а случајот, за жал, ќе биде наскоро заборавен. Во Италија, на пример, со цел подигање на свеста за фемицидите, имињата на жртвите и сторителите се објавуваат јавно заедно со местото, датумот и деталите на убиството.
На таков начин жртвите не претставуваат само бројка и нивната трагедија служи за сензибилизирање на јавноста. Во нашето општество, нужна е зголемена свесност за овој проблем и секако системски промени во повеќе домени. Покрај горенаведените насоки за превенција, едукација и зголемени казни, сметам дека стручните кадри треба да бидат обучени дополнително да препознаат ризик од рецидивно насилство, да умеат да ги согледаат факторите кои доведуваат до насилство и соодветно да прават евалуација на потенцијалните сторители, кои најчесто се веќе пријавувани за насилство. Повеќе од една третина жени во светот била жртва на некаков вид насилство, а со оглед на фактот дека насилството врз нив најчесто се повторува од истите сторители, навистина е време нештата да се сменат.
Проф. д-р Ирена Авировиќ Бундалевска
Вонреден професор
Раководителка на Институтот за семејни студии, Филозофски факултет, УКИМ