„Загубивме драга и почитувана личност, успешен интелектуалец, одличен педагог и посветен наставник“ – Правен факултет се прости од професорката Петрушевска

Почина универзитетската професорка и експерт по меѓународно право, професор  д-р Татјана Петрушевска.

Таа имаше 55 години и беше редовна професорка на Правниот факултет во Скопје.

Петрушевска предаваше меѓународно јавно право, право на меѓународните организации, право на меѓународните трибунали,

дипломатско и конзуларно право, мултилатерална дипломатија, мултилатерална дипломатија и Организацијата на обединетите нации, право на Европската унија,

заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија и надворешна политика на Европската унија и на Соединетите американски држави.

Има објавено повеќе од 250 научни и стручни трудови во домашни и странски стручни списанија на теми од областа на меѓународното јавно право и правото на Европската унија.

По смртта на професорката Петрушевска се огласија и од Правен факултет:

Со длабока тага ве известуваме дека денес, 11.10.2022 година, по долго боледување почина проф.д-р Татјана Петрушевска, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Со нејзината смрт загубивме драга и почитувана колешка и особено ценета пријателка, успешен интелектуалец, извонреден предавач, одличен педагог и посветен наставник.

Нека почива во мир!, напишаа од Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде