„Денеска има многу важен развој на настаните во Украина, кој може да има многу сериозни реперкусии на бојното поле во месеците кои следат“, смета новинарот Ризвановиќ

Фејсбук статус на новинарот Сеад Ризвановиќ:

Денеска има многу важен развој на настаните во Украина, кој може да има многу сериозни реперкусии на бојното поле во месеците кои следат.

Рускo назначениот гувернер на округот Херсон Володимир Салдо јавно побара, а рускиот заменик-премиер Марат Хуснулин експресно одобри евакуација на регионот Херсон.

Ова може да значи само едно: руската позиција во Херсон е неодржлива и тие мораат да се повлечат, бидејќи ризикуваат да бидат опколени од украинските сили.

Украина веќе втор месец константно ги напаѓа снабдувачките рути на руските сили во регионот, уништени се сите поголеми мостови преку реката Дњепар, а со онеспособувањето на кримскиот мост пресечена е главната рута за снабдување на руската армија.

Со константното таргетирање на складиштата на руската армија со повеќецевните ракетни фрлачи “Химарс” со прецизно ГПС наведување, уништени се логистичките капацитети на русите и со прекинување на главната снабдувачка рута преку Крим очигледно дека руската армија се наоѓа во многу незавидна ситуација во однос на снабдувaњето со храна, муниција и гориво.

Доколку се случи украинско освојување на градот Херсон тоа ќе биде најголем удар врз руските сили во Украина од почетокот на војната, поголем и од повлекувањето од Киев и Харков или последната украинска офанзива и освојувањето на Изјум.

Имено градот Херсон со предвоената популација од 300 илјади беше најголем град кој досега беше освоен од русите и неговото губење ќе има голема симболична порака.

Но губењето на Херсон има и суштински проблем за Русија, бидејќи тоа ќе значи повторно отсекување на Крим од страна на Украина.

Украина ќе може повторно да го прекине и снабдувањето со вода на полуостровот, а со онеспособувањето на кримскиот мост состојбата на Крим ќе биде исклучително тешка.

Втора важна реперкусија ќе биде ставањето на регионот на Запорожје во полуопкружување и можност за брзо напредување кон Мариупол.

Тоа ќе значи дека со серија на маневри Русија целосно ќе го загуби југот на Украина и два региона кои ги самоанектираше.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде