Што ќе се случува? Путин со заканувачка изјава: Конфликт со НАТО ќе води до глобална катастрофа…

Штом Москва ги повлече своите сили од Киев, украинската влада го загуби апетитот за мировни преговори, рече рускиот претседател.

Украина одбива да се вклучи во мировни преговори, изјави рускиот претседател Владимир Путин пред новинарите денеска, запрашан за можните преговори за ставање крај на конфликтот меѓу двете земји.

Владата во Киев „велеше дека сака разговори и наводно ги бараше, но сега издадоа формална одлука што ги забранува“, рече тој на прес-конференција во Астана, Казахстан.

Путин рече дека Русија и Украина постигнаа прелиминарен договор што можел да ги прекине воените дејствија, за време на разговорите со посредство на Турција кон крајот на март.

„Тие договори беа речиси потпишани. Но штом војниците беа повлечени од Киев, раководството во Киев изгуби секаква желба за разговори“, забележа тој.

Тој додаде дека доколку Киев е „зрел за разговори, ќе биде потребно посредување“.

„Мобилизацијата ќе заврши за две недели“

Путин рече дека делумната мобилизација во земјата ќе заврши за две недели.

Говорејќи на прес-конференција во главниот град на Казахстан, тој исто така рече дека нема планови за дополнителна воена мобилизација во Русија.

Рускиот претседател на денешната прес-конференција рече дека наредил делумна мобилизација бидејќи „невозможно е да се одржи фронтот користејќи само војници со договор“. Путин додаде дека 16.000 мобилизирани војници веќе добиле воени задачи.

Тој, исто така, рече дека „сега нема потреба од масовни напади врз Украина“, но „ќе видиме“, откако руските сили ги нападнаа градовите низ целата земја. Нападите беа одговор на експлозијата што го оштети мостот што го поврзува анектираниот Крим со Русија. Москва ја обвинува Украина за експлозијата.

Рускиот претседател рече дека она што се случува за време на војна е „непријатно“, но „ние го правиме она што е правилно“. Тој додаде дека „задачата не е да се уништи Украина“.

Путин рече дека нема потреба да разговара со Џо Бајден. Тој додаде дека сѐ уште не одлучил дали ќе учествува на саемот Г20 во Бали, кој се одржува следниот месец.

Понатаму, Путин рече дека Германија прави „голема грешка“ кога ги става приоритетите на НАТО пред сопствените интереси. Тој додаде дека е можно Русија да пушти гас преку неоштетената цевка на Северен тек 2. „Но таквата одлука не е руска работа“, рече тој.

Не се кае за нападите во Украина

На прашањето дали жали за постапките на Русија во Украина, тој рече „не“ и дека Русија нема цел да ја уништи Украина.

Путин рече дека секој директен конфликт меѓу Русија и НАТО ќе доведе до глобална катастрофа.

„Се надевам дека тие што зборуваат за тоа се доволно паметни да не преземаат такви чекори“, заклучи тој.

Рускиот претседател оцени дека неговиот француски колега Емануел Макрон не го разбира конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за Нагорно Карабах, одговарајќи на неговите обвинувања дека Москва сака да го дестабилизира Кавказот.

„Мислам дека во овие изјави се гледа неразбирање на конфликтот и неинформираноста на Франција за позициите на страните“ (во конфликтот)“, рече Путин. Тој додаде дека изјавите на Макрон се „неточни“ и „неприфатливи“.

Извор: МКД.мк

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде