Првиот вицепремиер Артан Груби во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека ќе имало повеќе од 80 пратеници за уставните измени.
„64 моменталното мнозинство, 10 други пратеници од АА и БЕСА, тоа се 74 пратеници. 2 пратеници од Левица нема да гласаат сигурно.
Значи остануваат само пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои не се сите од ВМРО, има и од другите помали партии. Верувам дека сите тие пратеници од коалицијата на ВМРО имаат европски убедувања“, вели Груби.
„Сега пред да пристигнам во студиото на ТВ21 имав состанок со релевантни претставници од меѓународната заедница. Има оптимизам. Јас сметам дека ќе имаме повеќе од 80 пратеници за гласање на уставните промени.
И убеден сум дека тоа ќе биде. ВМРО-ДПМНЕ е членка на ЕПП, имаме инфомрации дека има сериозни разговори и од ЕПП за да помогнат во процесот“, додаде тој.
Груби рече дека сега е време да се отвори Уставот и да се решат сите отворени прашања.
„Еве една идеја за која разговараме. Во Уставот овие 20 години сме детектирале многу недостатоци, еве сега ексклузивно за вас велам,
да сега е време да се отвори Уставот и да се решат сите отворени прашања“, изјави Груби.