Двегодишно дете е тешко повредено во градинка во белградската населба Звездара, откако една од воспитувачките му ја приклештила раката со метална врата.
Инцидентот се случил во градинката „Облаче“, јавуваат српските медиуми.
Утврдено е дека детето се повредило кога воспитувачката ја затворила металната врата без да обрне внимание на него, и притоа му го потфатила палецот од десната рака.
Поради сериозноста на повредата, на детето морало да му биде извршена делумна ампутација на палецот.
Полицијата била во градинката и извршила разговор со вмешаните, а ги прегледува и снимките од камерите во градинката. Јавното обвинителство во Белград наложи да се земат изјави од воспитувачката и од мајката на момчето.
Во врска со повредата на детето В.Ц. во градинката „Облаче“ во Звездара обвинителството во Белград ѝ наложило на ПС Звездара да земе изјави од воспитувачката, мајката на повреденото дете,
да го прибави видеонадзорот од градинката во времето кога настанала повредата, како и да се прибави медицинска документација за околностите, за видот и тежината на повредите на детето – соопшти обвинителството.
Воспитувачката е суспендирана. По сите потребни проверки, Обвинителството ќе процени и ќе донесе одлука дали има елементи на кривично дело или се работи за несреќен случај.